Blue Grey Red

Купувањето преку интернет се уште несигурно за граѓаните

Мнозинството граѓани се уште не се подготвени да купуваат производи и да бараат услуги преку интернет. И покрај тоа што се свесни дека интернет – купувањето заштедува и време и трошоци, многумина се плашат дека некој ќе ги злоупотреби нивните податоци.

-Знам дека во Македонија постои сервис за купување преку интернет, но повеќе сакам да купувам на традиционален начин.
-Имам време и затоа немам потреба да купувам преку интернет
-Не ми е ништо сигурно, бидејќи постојат секакви хакери, така што плаќањето не ми е сигурно
-Доколку постои заштита на податоците, би купувал

Од интернет - сервисите на кои се нудат производи и услуги од македонските продавници, велат дека граѓаните не треба да се плашат од интернет-купување, зашто безбедноста на податоците на платежните картички и сигурната достава се загарантирани.

„Во рамки на нашиот систем постои процес за рекламации, при самото купување не му се подигнуваат парите од сметка, се подигнуваат дури откако производот ќе биде испорачан и ќе помине рокот за рекламација. Доколку купувачот не е задоволен, парите може да се вратат или производот да се замени“, вели Александар Тасев од „Трговски центар“ – интернет трговија.

Од компјутерските компании објаснуваат дека понудата на електронските продавници во земјава е се уште слаба, а пречка за развој на електронската трговија се и големите провизии кои банките им ги наплатуваат на трговците. Тие се движат од 3-5 проценти.

Ако државата сака да развие електронска трговија може да направи повластена даночна стапка на производите што се продадени онлајн. Кога би се намалил данокот, со тоа ќе се стимулираат трговците да ги намалат цените, за да ја заживеат е – трговијата, вели Александар Токарев од „Некстсенс“

За разлика од кај нас, во земјите од регионот електронската трговија е многу поразвиена. Во Хрватска, над 15% од вкупната трговија во земјата се реализира преку интернет. За споредба, кај нас овој удел не стигнува ниту до еден процент.

Марија Мининчиќ