Blue Grey Red

Електронска трговија во Македонија

Република Македонија изминативе години доживеа брзо ширење на платежните картички, како и ширење на брзиот интернет.

Но, дали македонските компании и власти се подготвени да ги обединат овие два тренда?

Во Скопје денеска беше претставена можноста за купување телефонски кредит преку интернет.

На презентацијата на телефонскиот оператор „ВИП“ и „Уни-банка“, беше покажано како може да се купи кредит за „припејд“-телефон без корисникот да мора да отиде до продавница.

Поразителни бројки

СМС пораката означи дека трансакцијата била успешна.

Самото тоа што мораше да се направи свечена промоција на постапка која во други земји би била сосем секојдневна, укажува дека во Македонија купувањето преку интернет е недоволно разработено.

Биљана Доновска-Гечева, од „Уни-банка“, изјави дека бројките за електронска трговија внатре во Македонија, се поразителни, и покрај релативната покриеност на населението со платежни картички:

-„Милион картички издадени досега, повеќе од 700 банкомати и 27.000 пост-терминали. Податокот за електронската трговија со платежна картичка, за жал, би требало да биде еднаков на нула.“

Министерот за развој на информатичкото општество Иво Ивановски, изјави дека македонските банки од Владата побарале промени во законот за девизно работење, како и во процедурите на Народна банка, за да се овозможи во иднина овој начин на трговија да биде полесен и помасовен:

-„Во светот, интернет трговијата е со огромни размери каде што компаниите веќе се натпреваруваат една со друга како да привлечат повеќе клиенти во информатичкото општество со примена на информатички комуникации и технологии.“

Мартин Михајлов, асистент по електронски бизнис на Економскиот факултет, вели дека електронската трговија, за компаниите и за граѓаните може да значи значително поефтинување на производите и услугите.

Овој начин на трговија ја елиминира потребата од отворање на продавници, што има голем удел во цената на производот, вели асистентот.

Пониски цени

Тој го наведува примерот на џинот за интернет трговија „Амазон“ кој, според Михајлов, ја намалува цената на книгите кои ги продава за 40% благодарение на тргувањето преку интернет:

-„Ти за да одржиш физички продавница, плаќаш кирија, струја, вода, вработен, мал милион работи. Кога работиш на интернет тие работи се сведени буквално на нула. Можеш и од дома. На пример ’Амазон’ нема никаде физички, локација односно продавница.“

Истовремено со развојот на електронското тргување, со помош на американската агенција за помош УСАИД беше претставена интернет страница која ќе овозможи договорите за вработување да се вршат електронски.

Ова е дел од проектот е-Влада, со кој треба разни услуги, за кои досега морало да се оди во институција, на шалтер, да се извршат преку интернет.

Американскиот амбасадор Филип Рикер зборуваше за потенцијалот кој модернизацијата ќе го донесе во Македонија:

-„Клучен заеднички елемент на поолемиот дел од овие активности е промовирање и употреба на модерната информатичка и комуникациска технологија. Ја воведовме во училиште како алатка за учење со голем потенцијал, и ја поттикнавме нејзината употреба од општините за засилување на владината одговорност и промовирање ефикасност и транспарентност.“

Нови проекти

Амбасадорот изјави дека веќе 90% од барањата за вработување во државната администрација се одвиваат преку интернет.

Се подготвуваат проекти како оставање на професионална биографија на интернет за заинтересирани работодавачи, нудење на разни владини услуги преку интернет, а вице-премиерот Зоран Ставревски изјави дека во тек е изработка на, како што ја нарече, метабаза на податоци за компаниите и правните лица, со огромен број на податоци за нив.

Според Михајлов, придонесот на електронската Влада, за граѓаните, би бил во намалувањето на бирократските оптоварувања:

-„Мене процедурата да го направам тоа ми е оди на пример во МВР, купи таксени марки, пополни пријава, уплати во банка, чекај во ред еднаш, чекај во ред двапати, значи јас цел ден го убивам на шалтер.“

Како добар пример во Македонија, Михајлов го наведе Катастарот, со можноста преку интернет да се провери до каде е одреден предмет.