Blue Grey Red

Што е потребно за интернет трговецот да продава и испорачува во странство?

Поднесување на извозна царинска декларација.
 
Плаќањето царинска давачка при извоз е укината, но интернет трговецот мора да поднесе извозна царинска декларација за производот што го извезува. Оваа декларација не мора да ја пополнува шпедитерска фирма, туку може и самиот интернет трговец. Образецот не е сложен за пополнување и процедурата не бара време. Дел од реномираните странски компании за испорака нудат можност за бесплатно пополнување и поднесување, односно оваа услуга е вклучена во цената на испорака.
 
Пријава на девизен прилив во НБРМ.
 
Согласно правилата кои ги пропишува Народната банка на Република Македонија (НБРМ), за секој девизен прилив остварен по пат на продажба и извоз на производи/давање услуги во странство потребно е да се пополни и достави поединечно известување за трансакцијата. Ова барање е, пред сé, за статистички цели.

Испорака на производи од интернет трговец од РМ на купувач од друга држава.

Во РМ оперираат големите меѓународни компании кои се занимаат со брза пошта како што се DHL, FedEx и UPS. Овие компании имаат широко распространета мрежа и секојдневно доставуваат пратки од РМ во други држави.