Blue Grey Red

Корисни совети за потрошувачи

За купување на интернет пожелно е да ги имате предвид следните препораки:

Купувајте од угледни продавници. Внимателно проучете ја интернет продавницата од која купувате. Осигурајте се дека е вистинска продавница, а не веб локација преку која ќе се приберат вашите лични податоци. Прочитајте ги општите услови, политиките за приватност и испорака.

Проверете кој стои зад трансакцијата на продавницата, и доколку имате познавања, какво техничко решение користи. Бидете внимателни доколку продавницата ги процесира трансакциите преку недокажан процесор на трансакции или комплетно се базира на аматерско техничко решение.

Проверете ги податоците за контакт и податоците за правното лице. Колку повеќе податоци има и колку повеќе се достапни за контакт толку подобро говори за сериозноста на продавницата.

Проверете какви се вашите права во случај на незадоволство од услугата или изостанување на услуга. Трговецот треба да ви гарантира права најмалку колку пропишаните во Законот за заштита на потрошувачите.

Користете картичка од банка која има добра поддршка. Имајте на ум дека и банката стои зад вас, односно можете да оспорите нарачка која не  сте ја направиле или не ви е испорачана соодветна услуга/производ.

Чувајте ги сите податоци и документи за вашите нарачки, за евентуална рекламација или оспорување на нарачката.

Осигурајте се дека се користи енкрипција во крајните фази од креирањето на нарачката. Енкриптираните страни започнуваат со https:// и има катанче во аголот на прелистувачот.