Blue Grey Red

Како да го добијам нарачаното?

За испорака на нарачаните производи, интернет трговците најчесто ги користат услугите на специјализираните компании за брза пошта и транспорт, бидејќи се работи за тип на трговија и производи за кои се бара и очекува брза испорака.

Бројот на компании кои се занимаваат со ваква испорака во РМ е околу дваесетина и нивната работа е под контрола на регулаторното тело - Агенција за пошти. Тоа овозможува воспоставување ред во оваа сфера и сигурност за учесниците во е-трговијата. Дел од интернет трговците кои имаат сопствена мрежа на офлајн продавници ја користат истата за транспорт и дистрибуција, што претставува поволност како во однос на брзината и сигурноста на испораката, така и во однос на цената.

Голем дел од компаниите за испорака нудат и овозможуваат испорака на кое било место во РМ, при што рокот на испорака за место надвор од Скопје е 24 часа, додека на територија на Скопје е пократко. Испораката се врши до самата врата на купувачот.
 
Цената за испорака зависи од вредноста на нарачката (што поголема вредност, толку помала цена за испорака) и дестинацијата (колку населеното место во кое живее купувачот е поблиску до интернет трговецот, толку цената за испорака ќе биде пониска). Во просек, цената за испорака се движи од 80-150 денари за испорака на територија на град Скопје, додека пак за испорака во други градови од државата цената се движи од 120 до 250 денари.
 
Зависно од политиката на интернет трговците, можно е и понекогаш се практикува трошокот за испорака да падне целосно или делумно на товар на самите трговци..